"Овие документи, и покрај сите свои недостатоци, ги сметаме за мошне значајни за целосно проучување на Виничката афера, за согледување на ширината на репресалиите со сите последици за понатамошниот развиток на македонското ослободително движење до Илинденското востание. Документите се од интерес за согледување на ставот на Австро-Унгарија спрема настаните во Македонија во времето на Виничката афера. Тие претставуваат значаен прилог кон веќе користената документација за Виничката афера."
Благородни грофе!
...Како последица од убиството на еден угледен турски бег од страна на бугарски разбојници во Виница (каза Кочани) турските власти поведоа истрага што доведе до откривање на тајни складишта на оружје и многу компромитирачки писма и документи. Врз основа на најдените документи истрагата се прошири на Кочани, Штип, Кавадарци. Во сите овие места кај бугарското население беше запленето многубројно оружје и, наводно, исто така и бомби, а беа затворени околу 200 лица.
Истрагата треба да констатира дека Бугарите од Виница имале намера да запалат повеќе села и со тоа да дадат сигнал за востание. Гласовите раширени преку бугарските весници за извршени свирепости над христијаните од страна на муслиманското население не се потврдуваат. Изгледа дека се темелат на вистината дека на почетокот и во текот на наведената истрага од страна на турските власти биле мачени повеќе Бугари, меѓу кои кметот на Виница и еден бугарски свештеник и дека тројца од нив подлегнале на повредите. Кметот на Виница, за да се спаси од понатамошното прогонување, преминал во ислам...
Благородни грофе!
Ако воопшто беше можно да се изврши извесна градација на свирепостите што му се правеа на бугарското население, тогаш тоа можеше да се направи во последниве две недели. Сосема недолжни луѓе одненадеж беа затворени, мачени на секаков начин што можеше да се смисли, а потоа беа предавани на нивните блиски на лекување...
...Селаните по селата се заплашуваат со закани и со мали подароци во пари и ги принудуваат да направат една претстава на турски јазик во која ќе кажат дека сите, вести за извршени насилства над Бугарите се лаги итн, итн.
Во такви околности што кај Бугарите ги зафаќа едно заправо очајно расположение, не е воопшто чудно. Различни знаци упатуваат дека идната пролет ќе се очекува поголемо бугарско движење.
Последните денови овде пристигнаа писма од Македонскиот комитет во кој се уверуваат Бугарите дека нема да бидат заборавени и дека ќе ги прифатат.
Еден од најглавните водачи на Бугарите ми потврди дека студеното држење на бугарската влада, во овој момент, во врска со свирепостите во Македонија, е само по сила на приликите.
Јас не верувам дека овдешните Бугари ќе се осмелат на самостојно оружено востание."
Източник: Книгата е предоставена от С. Рашков.
Автор: Александар Апостолов (род. 1920 г.) е македонски историк, роден в Злетово. Докторирал на тема "Колонизацијата на Македонија во стара Југославија".